dvadva eden dva dva trii

ОСНОВАЧ
In Memoriam

Илија Камчев (1937-2009), основач на Орка и претседател на Управен одбор.

Постои вечна вистина дека најдобрите луѓе заминуваат од овој свет кога се на врвот на својата сила, способност и жртвување истовремено...како некоја за нас непозната сила да сака да ја зачува нивната величина од заборав.... Силен во предизвиците, реален за иднината, посветен на семејството, во животот сјаен и несебичен... заминувањето на Илија Камчев е тажен момент за сите нас кои имавме чест и привилегија да учиме од човекот со големо срце, визионерот кој успеа да создаде високо реномирана компанија со која сите се гордееме. Со  жалење ви соопштуваме  дека со Илија Камчев се разделивме на 14 август 2009 година.

За него ништо не беше невозможно, со силна верба во својот потенцијал  низ годините успеваше да пронајде решение за секој проблем. Благодарение на неговата визионерска моќ, посветеност и несебичност „Орка”  успеа да се  издигне на нивото на кое се наоѓа и денес - реномирана компанија чиј бренд претставува синоним за успех, квалитет и сигурност. Неговата умешност, доблест и човечност претставуваат инспирација и мотив за сите нас кои имавме привилегијата да бидеме дел од неговиот живот.

Со гордост и сеќавање раскажуваме за неговите животни дострели почнувајќи од самиот почеток. Неговата животна приказна е пример за тоа како со сопствен труд, пожртвуваност и знаење може да се создаде, одржи и издигне моќна компанија која истовремено ќе биде високо вреднувана и почитувана.  

Роден е на 6 декември 1937 година во село Марена – Кавадарци. Во тешки финансиски услови, со материјална поддршка единствено од неговиот татко, седумчленото семејство Камчеви во 1944 год. се преселува во Скопје. По завршување на основното и средното образование, младото момче со голем ентузијазам се запишува на Економскиот факултет и го завршува со одлични резултати. Првото работно искуство го реализира во големата фирма специјализирана за текстил  „Макотекс“  во секторот увоз-извоз.

Во годините кои следуваат, Камчев ги развива своите претприемачки вештини. Еден од поголемите успеси кои сакаме да го споделиме со вас е годината 1976, во која како вработен во „Македонија кооп“  Илија Камчев го основа претставништвото на фирмата во Софија со што станува најмладиот претставник во  тогашна Југославија. По враќањето во Македонија се вработува во „Технометал”, во сектор увоз-извоз, како директор за застапништво и реекспорт. Неговите успеси продолжуваат во фабриката за спортска опрема и трговија „Македонија Спорт”. Назначен за прв човек на фирма со статус пред ликвидација, Камчев беше поставен пред голем предизвик - да одлучи за судбината на фабриката и за тогашните  230  вработени. Во тие исклучително тешки  моменти за „Македонија спорт“,  благодарејќи на  цврстата волја, пожртвуваност и знаење на Илија Камчев компанијата  не замина во историјата. Како човек кој секогаш се залагаше за квалитет, отвори комлетно нова фабрика во која беше вградена тогаш најсовремената опрема, отвори нови продавници во кои клиентите препознаа квалитет, а со вработување на нов пероснал 600 семејства ја обезбедија својата иднина.  Целокупното инвестирање во нови производствени, продажни и човечки капацитети Илија Камчев го постигна без никакво задолжување. Со „Македонија Спорт“  раководи до 1989 година од каде на краток временски период заминува на работа во „Центротекстил“ во Белград...

30 јануари 1990 година е запишан во срцата на семејството Камчеви како датум кога Илија Камчев ја основа сопствената приватна компанија „Орка“. Почетокот на 1990 година значеше почеток на нова ера во македонската економија. Тој ден почна да живее една реалност која изминатите децении Илија Камчев будно ја сонуваше - создавање на моќна компанија со сопствен капитал и вложен труд. На успесите на Орка со кои сега се гордееме им претходат напорна работа, несебично вложување и вешто менаџирање, доверба и сигурност која основачот ја влеваше  кај своите партнери, вработени и клиенти. Пред нашиот стратег беше поставена голема одговорност, но и предизвик. „Орка“ на Илија Камчев почна скромно со тим од 30 вработени во производство и една продавница. Со текот на времето компанијата ги прошируваше своите капацитети следејќи ги новите трендови на работа и промовирајќи модел на успешно корпоративно раководење.  Денес, три децении од основањето, Орка холдинг брои повеќе од 1000 вработени, во нејзиниот состав влегуваат компании-членки кои ги обединуваат работните активности во земјата и во странство: извоз, увоз, застапништво на странски фирми, производство, дистрибуција и малопродажба, медицински услуги.

За време на својот 40-годишен работен век Илија Камчев беше почитуван од своите најблиски,  вработените, партнерите и клиентите на кои несебично го пренесуваше своето искуство и знаење. Ќе остане во нашите спомени пред сè како човек со големо срце. Илија Камчев искрено ја сакаше и почитуваше својата земја, вработените во „Орка” и своето семејство. За време на својот работен век создаде успешен тим кој неуморно продолжува да чекори по неговите стапки. Лесно е да се продолжи раководењето на компанија чиј никулец е основан врз темелите на чесност, визија, посветеност, доверба и квалитет. Сакаме да истакнеме дека ни претставува особено задоволство и огромна чест што бевме негови соработници. 

#slika2